Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ги посети полициските службеници кои учествуваат во обука спроведена од Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи и УНФПА, во рамки на проектот „Превенција и заштита од родово базирано насилство – Фаза 3“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Станува збор за еден од осумте циклуси на обуки за „Почетна едукација на професионалците за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство и мулти-секторски одговор“, на кои ќе учествуваат вкупно 200 полициски службеници од сите осум Сектори за внатрешни работи, меѓу кои водичи на безбедносен реон, сменоводители и инспектори задолжени за постапување по пријави за родово базирано и семејно насилство.
Обуките се насочени кон јакнење на капацитетите и компетенциите на полициските службеници за навремено, професионално и сензитивно постапување во случаи на родово базирано и семејно насилство, со посебен акцент на заштитата и поддршката на жртвите.
„Секој полициски службеник кој постапува по вакви случаи мора да биде подготвен професионално, одговорно и со емпатија да обезбеди заштита и поддршка за жртвите. Нашата цел е жртвата секогаш да биде во центарот на институционалниот одговор“, истакна министерот Тошковски.
Тој упати благодарност до УНФПА и Британската амбасада во Скопје за континуираната поддршка во јакнењето на институционалните капацитети и унапредувањето на полицискиот одговор во справувањето со родово базираното и семејното насилство.