Спасовски за случајот „Пулс“: Наместо вистинска правда, се прави „купче“ обвиненија за задоволување на јавноста
РРедакција|
Начинот на кој се води истрагата и судската постапка за трагичниот случај со дискотеката „Пулс“ во Кочани отвора сериозни сомнежи за капацитетот на Обвинителството и може да донесе дополнително разочарување и неправда. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го истакна пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Спасовски предупредува дека со ставањето на сите можни пропусти и поранешни функционери „на куп“ во едно исто дело, власта и правосудните органи ризикуваат да направат огромна штета на државата и на самиот концепт за одговорност.
Поранешниот министер потенцираше дека одговорноста за кобната ноќ мора да се лоцира строго кај оние фактори кои имаат директна причинско-последична врска со трагедијата, а не да се бараат виновници со години наназад за да се смири револтот на јавноста.
„Дали може градоначалници кои биле на функција во 2012 или 2017 година да носат каква било одговорност за тоа што се случило во 2025 година? Дали инспекторите од минатото можат да одговараат за пожарот што настанал сега? Мора да има каузалитет и јасен тек кој ќе гарантира правда. Се плашам дека целиот овој случај е креиран само за да се задоволи јавноста, а според досегашните постапки, мислам дека Обвинителството ќе има сериозен проблем со докажувањето пред судот“, изјави Спасовски.
Тој додаде дека најголемата болка од ваквиот пристап ќе ја почувствуваат семејствата на жртвите и повредените, кои очекуваат вистински одговори и одговорност од вистинските виновници.
Спасовски ја отфрли тезата дека дискотеката работела во „длабока илегала“, нагласувајќи дека нејзиното функционирање било јавна тајна за целата држава.
„Сите знаевме дека таа дискотека работи – и граѓаните на Кочани, и луѓето ширум Македонија. Истрагата мораше јасно да покаже како и на кој начин се носеле одлуките за нејзиното работење и дали тие одлуки директно придонеле за штетната последица“, потенцираше пратеникот.
Спасовски упати остра критика и до актуелното парламентарно мнозинство и Владата, обвинувајќи ги дека наместо суштинска реформа на нефункционалниот систем, донеле само едно козметичко решение со кое се забранува пиротехника во затворени простории.
„Тоа со пиротехниката е во ред. Но, што правиме со другите услови кои мора да ги исполнат угостителските објекти? Дали со ова го менуваме системот во правец кој покажува свесност за тоа што ни се случи? Мислам дека не. Одговорноста за промена на системот е кај сегашната власт, а тие досега немаат покажано резултат“, заклучи Спасовски, додавајќи дека Анкетната комисија во Собранието за заштита на човековите права сѐ уште нема конкретен епилог за овој случај.