Македонија

Спасовски: МВР немаше дополнителни уреди за следење на комуникации

Спасовски: МВР немаше дополнителни уреди за следење на комуникации

Истражните центри при јавните обвинителства се единствените законски овластени институции за анализа на материјали прибрани од мобилни телефони и други електронски уреди, додека Министерството за внатрешни работи немало и не користело дополнителни апарати за следење на комуникациите, истакна поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во продолжението од своето гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Тој ги отфрли, како што рече, наводите за постоење на специјална опрема во рамките на МВР, предупредувајќи дека секое постапување надвор од законските процедури може да ја загрози приватноста на граѓаните и валидноста на судските постапки.

Спасовски појасни дека целата процедура за вештачење и екстракција на податоци од дигитални уреди е строго регулирана и мора да биде заснована на соодветна судска наредба.

„Овие анализи се прават исклучиво врз основа на издадени наредби од страна на надлежниот суд. Сè друго што ќе се екстрахира од таквите уреди, без соодветна наредба, нема да има никаква доказна вредност во судската постапка. Законот за следење на електронските комуникации е кристално јасен во овој дел“, изјави Спасовски.

Тој повика на засилена контрола од институциите што имаат законска надлежност за надзор, посочувајќи го Собранието и Граѓанскиот совет за граѓански надзор како клучни механизми за проверка на работата на службите.

Во одговор на прашање дали во периодот кога тој раководел со МВР постоеле таканаречени „дополнителни уреди“ за следење на комуникациите, Спасовски категорично негираше.

„Не, такви дополнителни уреди во Министерството немаше, ниту пак имаше можност тие да бидат користени. Сè што постоеше како опрема и што беше поврзано со поранешниот систем за следење на комуникациите, беше уредно отстапено согласно законските одредби и реформата со која се формираше ОТА“, рече тој.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни