Македонија

Томовски: Државниот возен парк е срамен, купуваме електрични возила за курири и ВИП комбиња за делегации

Томовски: Државниот возен парк е срамен, купуваме електрични возила за курири и ВИП комбиња за делегации

Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) планира целосна реформа и оптимизација на државниот возен парк, преку расходување на старите автомобили и воведување на моделот на оперативен лизинг. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го најави директорот на СОЗР, Ивица Томовски, кој состојбата со државните возила ја оцени како „срамна“.

Според Томовски, поголемиот дел од институциите во моментов располагаат со дотраени возила кои повлекуваат огромни трошоци за сервисирање, каде што неретко во јавноста има сомнежи за разни малверзации.

„Идејата е да направиме оптимизација – да видиме на која институција колку возила ѝ се навистина потребни, сè што е старо да го расходуваме и распродадеме, а потоа да набавиме возила на оперативен лизинг. Овој модел е многу подобар бидејќи ги покрива и гаранцијата и сервисирањето, а возилата не застаруваат“, објаснува Томовски.

Немаме возила за пречек на странски делегации

Директорот на СОЗР искрено призна дека државата во моментов нема соодветни ресурси за опслужување на странски гости, па за таа намена мора да се повлекуваат возила од други функционери. За да се реши овој проблем, веќе е почната постапка за пазарно истражување.

„Можам да кажам дека имаме никаков возен парк и срамно е за една држава да не може да услужи делегација. Затоа, во процедура сме на истражување на пазарот за набавка на две минибуси, односно комбиња. Едното ќе биде со капацитет ‘8+’, а другото ќе биде со луксузна ‘VIP 4+’ конфигурација. Овие возила утре ќе служат за пречек на делегации, со што едно комби ќе замени три или четири ‘Шкоди’. Повеќе нема да објавуваме тендери за рентакар на возила, со што ќе направиме сериозни заштеди“, истакна Томовски.

Курирската служба на СОЗР се префрла на струја

Дополнително, како дел од планот за кратење на трошоците за одржување и гориво, СОЗР се подготвува да набави и возила на електричен погон кои ќе се користат за секојдневните административни потреби во главниот град.

„Во процедура сме и за набавка на 4 електрични возила. Нашата служба врши и курирски услуги, односно секојдневно разнесуваме документи од институција до институција. За таа намена моментално возиме дотраени возила од 2000-та или 2010-та година кои бараат постојани сервиси. Направивме математика и анализи кои покажаа дека електричните возила ни се далеку поисплатливи, бидејќи тие ќе кружат исклучиво низ градот“, заклучи Томовски во „Ноќно студио“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни