Во една од најдраматичните и најемотивните операции, во градите на 52-годишен пациент од денеска пулсира ново срце. Оваа хумана мисија за спас на човечки живот доаѓа по цели четири години надеж и неизвесност за пациентот, кој уште од 2021 година беше запишан на Националната листа за трансплантација.
Зад овој медицински подвиг стои уште една приказна за врвна човечност. Во своите најтешки мигови на тага и болка, едно благородно семејство донесе одлука да ги донира органите на свој близок и на тој начин да подари живот на непознат човек.
„Симбол на нечија љубов која продолжува да живее и да носи светлина во друг живот. Едно семејство, во најтешкиот момент од животот, донесе одлука да спаси животи“, соопштија од Министерството за здравство.
Од ресорното министерство потенцираат дека срцето на донорот не застанало, туку едноставно продолжило да бие во градите на некој друг, враќајќи ја вербата и надежта во хуманоста. Оваа успешна трансплантација е уште еден доказ за важноста на органодарителството во Македонија, процес кој секојдневно пишува нови приказни за спасени човечки животи.