Прашањето со исплатата на платите во културата и усогласувањето на колективните договори бара итно седнување на маса со синдикатите, бидејќи сегашниот модел е застарен, нефункционален и создава нерамнотежа во јавниот сектор. Ова го истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, за време на гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Љутков појасни дека за да помине кој било колективен договор или стратегија на владина седница, тој мора да добие позитивно мислење од сите релевантни институции, пред сè од Министерството за финансии. Во спротивно, ако едно министерство е оставено самото да наоѓа средства во рамките на сопствениот буџет, договорот станува неспроведлив на терен.
„Овој колективен договор е истечен веќе 4 години. Тој ја исполни својата цел, но времињата, буџетската рамка и условите денес се целосно променети. Затоа барам да седнеме со синдикатите и да направиме јасен, прецизен и законски нов колективен договор кој ќе ги исполни сите услови и кој без проблем ќе ги помине сите порти во Владата“, нагласи Љутков, најавувајќи дека во тек е и пишување на нова стратегија за развој на културата.
Преседанот со спојување на два договори ги стави културните работници „на мета“
Министерот детално го образложи правниот хаос што настанал во изминатите години, кога во културата паралелно почнале да се применуваат и гранковиот и општиот колективен договор. Наместо да се избере поповолниот, во периодот 2023–2024 година бил направен преседан со комбинирање и спојување на процентите од двата договори.
„Со таквата пресметка, културните работници беа ставени на мета како единствени во државата кои земаат многу повеќе од сите останати во јавниот сектор, кои пак се најдоа во неравноправна положба. Не велам дека платите во културата се премногу високи или ниски – платите се добри. Но, се направи еден вештачки јаз. Кога минималната плата за сите во државата беше одредена на 36.000 денари, со оваа специфична пресметка само во културата таа скокна на 39.000 денари. Токму тука настана големиот проблем кој секоја година одново се појавува“, заклучи министерот Љутков.