Богојески: Тргувам со биткоини на светски берзи, македонската е намерно угушена, затворена и строго контролирана
РРедакција|
Лидерот на „Македонски концепт“, Петар Богојески, во своето гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ ја отвори темата за либерализација на домашниот финансиски пазар.
Тој упати жестоки критики до начинот на кој е поставен домашниот пазар на капитал и отворено призна дека својот капитал го инвестира на глобално ниво, бидејќи домашниот систем е вештачки лимитиран.
Во однос на тоа дека поседува криптовалути (биткоини), но нема купено ниту една акција на Македонската берза, Богојески појасни дека домашниот пазар е намерно затворен за да им служи на тесни интереси.
„Јас работам трејдинг на светските берзи — тргувам со сè, од благородни метали па до акции на најпознатите глобални компании. Светскиот пазар во последно време е доста немирен поради војните на Блискиот Исток, но таму пазарот е жив и доста динамичен. За разлика од тоа, Македонската берза е намерно угушена, затворена и строго контролирана за да остваруваат приход само неколку избрани компании. Луѓето тоа не го разбираат и затоа често го ‘хејтаат’, но реалноста е дека нашиот пазар мора итно да се либерализира“, истакна Богојески.