Свет

Најголемата нуклеарна централа во Европа остана без напојување со електрична енергија

Најголемата нуклеарна централа во Европа остана без напојување со електрична енергија

Напојувањето на нуклеарната електрана под руска окупација Запорожје, на југоистокот на Украина, повторно е прекинато, додека поширокото подрачје се соочува со прекини на електрична енергија, соопшти утрово управата на електраната, а информацијата ја потврди и Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).

Нуклеарната електрана Запорожје во текот на ноќта останала без надворешно напојување со електрична енергија поради напад на резервна електрична трафостаница, објави утрово на платформата X Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).

„Електричната мрежа е екстремно кревка“

„Ова последно губење на надворешно напојување уште еднаш ја нагласува екстремната кревкост на електричната мрежа и постојаните опасности за нуклеарната безбедност во време на војна“, изјави генералниот директор на IAEA, Рафаел Гроси, повторувајќи го својот повик за „воена воздржаност“ со цел да се спречи нуклеарна несреќа.

Високонапонскиот далновод што ја снабдува електраната автоматски бил исклучен во средата навечер, соопшти управата на електраната, додавајќи дека резервните дизел генератори на локацијата ја презеле снабдителната функција. Не се забележани зголемени нивоа на радијација.

„Ноќта помина релативно мирно во Енергодар и околината на нуклеарната електрана Запорожје“, изјави Евгенија Јашина, директорка за комуникации на електраната, назначена од Москва, за руската државна агенција ТАСС.

„Целиот град е без струја“

Таа пријави неколку изолирани напади со дронови, но додаде дека целиот град е без електрична енергија.

Русија ја зазеде електраната во Енергодар, најголемата нуклеарна електрана во Европа, во првите денови од целосната инвазија на Украина започната во февруари 2022 година.

Сите шест реактори од тогаш се исклучени од безбедносни причини, но стабилно снабдување со електрична енергија е неопходно за нивно ладење. Киев и Москва повеќепати меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на објектот.

Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) има распоредено набљудувачи на локацијата и ги повикува завојуваните страни на воздржаност со цел да се спречи нуклеарна несреќа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни