Балкан

Забрането капење на дел од плажа во Пефкохори по истекување на канализација

Забрането капење на дел од плажа во Пефкохори по истекување на канализација

Привремена забрана за капење е воведена на дел од крајбрежјето во Пефкохори, откако беше регистрирано истекување на канализација предизвикано од оштетување на цевководот, информираа локалните власти во Општина Касандра.

Според информациите објавени во грчките медиуми, дефектот бил откриен вчера во утринските часови, кога е забележана пукнатина на канализацискиот цевковод со пречник Φ225 во Пефкохори.

По пријавата, општинските служби веднаш излегле на терен и започнале со санација на оштетувањето. Истекувањето било брзо запрено, а паралелно биле преземени активности за чистење и дезинфекција на погоденото подрачје.

За случајот биле известени и надлежните институции, меѓу кои Дирекцијата за јавно здравје и Центарот за унапредување на животната средина на регионалната единица Халкидики. Од локацијата се земени примероци за лабораториски анализи со цел да се утврди квалитетот на водата.

„Од првиот момент надлежните служби и општинските екипи беа целосно мобилизирани. По интервенцијата, истекувањето беше веднаш запрено, а санацијата на дефектот е завршена“, соопштија од Општина Касандра.

Со одлука на заменик-гувернерот на Халкидики, забраната за капење се однесува на зона од 200 метри од двете страни на местото каде што се случило истекувањето, во пределот „Акротири“.

Мерката ќе остане во сила сè додека не завршат лабораториските испитувања и не биде потврдено дека водата е безбедна за капење. Од Општина Касандра посочуваат дека ситуацијата внимателно се следи и дека се преземени сите неопходни мерки за заштита на жителите и туристите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни