Македонија

Богојески бара либерализација на Македонската берза и отворање за странски капитал

Богојески бара либерализација на Македонската берза и отворање за странски капитал

Лидерот на „Македонски концепт“, Петар Богојески, во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ говореше за состојбите на домашниот финансиски пазар, оценувајќи дека е потребна негова либерализација и поголема отвореност кон странскиот капитал.

Богојески откри дека покрај политичкиот ангажман, лично тргува на светските берзи со благородни метали и акции на глобални компании, но посочи дека не инвестирал во акции на Македонската берза, која според него е ограничена и недоволно развиена.

„Светските берзи во последно време се доста немирни и брзо се менуваат поради војните на Блискиот Исток и глобалните превирања. Но, таму пазарот е жив. За разлика од нив, Македонската берза сè уште е затворена, контролирана и димензионирана на начин што им одговара само на неколку компании. Таа мора итно да се либерализира и да се отвори за странски капитал. Само така државата ќе добие повисоки даночни приходи, а компаниите ќе акумулираат свеж капитал“, истакна Богојески.

Говорејќи за јавните претпријатија и државните компании, тој предложи примена на моделот на економски реформи што, како што посочи, бил спроведен во Велика Британија во 1980-тите години за време на премиерката Маргарет Тачер.

Според Богојески, јавните претпријатија треба да престанат да зависат од буџетски средства за покривање на долговите и наместо тоа да обезбедуваат капитал преку пазарот.

Тој смета дека граѓаните би можеле да инвестираат во таквите компании преку купување акции, додека пазарниот пристап би овозможил ангажирање професионални менаџери и поголема ефикасност во работењето.

„Ние нема зошто да измислуваме топла вода. Светот веќе го има измислено овој модел. Тоа е реформата која пред речиси 50 години ја доживеа Британија и која донесе огромен економски раст. Формата постои, само ни треба политичка храброст да ја имплементираме. Наместо тоа, кај нас сè уште се тера социјалистички концепт каде партијата контролира сè, а јавните претпријатија се пред колапс“, заклучи Петар Богојески во „Ноќно студио“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни