Македонија

Богојески: Не смееме да ги казнуваме младите кои заработуваат на светскиот пазар

Богојески: Не смееме да ги казнуваме младите кои заработуваат на светскиот пазар

Лидерот на „Македонски концепт“, Петар Богојески, во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ ги спореди, како што рече, двата спротивставени економски концепти кои денес постојат во државата, притоа упатувајќи критики кон институциите поради даночните политики што предизвикаа незадоволство кај младите кои остваруваат приходи преку работа за странски компании.

Одговарајќи на прашање поврзано со буџетските приходи и можноста за намалување на даноците, Богојески оцени дека актуелниот пристап на институциите има негативни последици врз економијата.

„Актуелното ‘џандарско’ однесување на УЈП и на целиот систем само ги брка парите надвор од земјата. Колку повеќе државата е репресивна и затворена, толку повеќе економијата ќе осиромашува и на крајот ќе колабира. Тоа е чист комунизам и левичарски менталитет. Наспроти тоа, нашиот десен концепт нуди отворена држава. Кога ќе ги намалиме даноците, сите тие млади луѓе масовно ќе го внесат капиталот дома, ќе се зголеми потрошувачката, а со тоа ќе експлодира и економската активност во буџетот“, изјави Богојески.

Во интервјуто тој застана во одбрана на ИТ-професионалците и лицата кои работат онлајн за компании од странство, нагласувајќи дека тие не треба да бидат санкционирани поради приходите што ги остваруваат на глобалниот пазар.

„Не смееме да ги казнуваме и прогонуваме младите луѓе кои работат за американски или европски компании и остваруваат илјадници долари месечен приход. Наспроти нив го имате просечниот социјален ‘хејтер’ кој пред кооперација или на Фејсбук знае сè — и за руски ракети, и за американски бази, и за кинески стратегии. Тој само плука, пцуе и не придонесува со ништо за општеството, но затоа има фрустрација и сака да го избрка успешниот млад човек“, рече лидерот на „Македонски концепт“.

Според Богојески, современиот патриотизам треба да се гледа низ економска призма, а не само преку политички пораки. Тој посочи дека за ИТ-фриленсерите и дигиталните работници пазарот е глобален и дека нивната одлука да живеат во Македонија и заработените средства да ги трошат во домашната економија претставува значаен придонес за државата.

На крајот, Богојески порача дека токму овие ставови се дел од кампањата „Твоите пари и твојата слобода“.

„Левичарскиот менталитет е да се мрази и казнува сè што е успешно и што отскокнува од просекот. Ние ја застапуваме десната опција. Се обраќаме токму на тој дечко кој заработува на светскиот пазар и сака да донесе свеж капитал за Македонија да оди напред. Тоа се луѓето кои ги сакаме во нашата партија и на кои им нудиме економска слобода“, изјави Петар Богојески во „Ноќно студио“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни