Граѓаните веќе трет ден се соочуваат со проблеми при користењето на апликацијата „Мој ДДВ“, која не е целосно функционална и предизвикува револт кај корисниците кои не можат да скенираат фискални сметки.
Според пријавите од корисниците, при обид за најава во апликацијата и внесување на ПИН-код, се појавува порака „Нема конекција од УЈП“, поради што пристапот до системот е оневозможен. Оваа состојба трае повеќе од 48 часа, што дополнително го зголемува незадоволството кај граѓаните кои редовно ја користат апликацијата за поврат на ДДВ.
Од Управата за јавни приходи преку официјалната Фејсбук-страница информираат дека апликацијата во моментов функционира со повремени забавувања. Оттаму наведуваат дека нивните тимови работат на утврдување на причините за проблемот и негово отстранување, со цел што поскоро да се обезбеди нормално и непречено користење на услугата.
Сепак, засега не е соопштено кога точно апликацијата ќе биде целосно стабилизирана и повторно достапна без прекини.Проблеми со апликацијата „Мој ДДВ“: Корисниците не можат да скенираат сметки