Балкан

Софија очекува до 400.000 посетители за Евровизија 2027

Софија очекува до 400.000 посетители за Евровизија 2027

Софија се подготвува за голем прилив на посетители доколку го добие домаќинството на Евровизија 2027, при што се очекуваат меѓу 300.000 и 400.000 гости од целиот свет, изјави општинскиот советник Димитар Петров за Радио Софија.

Тој нагласи дека Евровизија не претставува само музички настан кој трае неколку дена, туку е комплексен проект кој функционира како „град во градот“ и бара сериозна организација, особено во делот на безбедноста и инфраструктурата.

Петров истакна дека бугарската престолнина ги исполнува сите неопходни услови за организација на ваков настан, вклучувајќи меѓународен аеродром, добро развиена мрежа на директни авиолинии и доволен број сместувачки капацитети.

Воедно, тој предупреди на појава на енормно зголемување на цените за сместување по победата на Дара, наведувајќи примери каде двособни станови во Софија се изнајмуваат за 10.000 до 13.000 евра неделно.

„Тоа не смееме да го дозволиме. Мора да обезбедиме понуда за сите категории посетители“, изјави Петров, додавајќи дека државните и градските институции треба да реагираат за да се спречат нереалните поскапувања.

Тој потсети и дека 2027 година ќе биде значајна за Бугарија бидејќи се одбележуваат 20 години од членството во Европската Унија, оценувајќи дека јубилејот претставува дополнителна можност за меѓународна промоција на земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни