Македонија

Алиу: Најдлабока благодарност до семејствата на органодарителите, го засилуваме институционалното темпо затоа што некаде некој чека нова шанса за живот!

Алиу: Најдлабока благодарност до семејствата на органодарителите, го засилуваме институционалното темпо затоа што некаде некој чека нова шанса за живот!

Министерот за здравство Азир Алиу денеска учествуваше на трибина посветена на органодарителството и трансплантацијата, организирана во рамки на националната кампања за подигнување на јавната свест за значењето на донирањето органи.

Во своето обраќање, Алиу им оддаде признание на семејствата на органодарителите, истакнувајќи дека нивните одлуки, донесени во моменти на голема лична болка, спасиле човечки животи.

Тој нагласи дека темата за органодарителството треба да биде присутна во јавноста и во секојдневните разговори, а не да се отвора само во болнички услови. Според него, потребно е поголемо информирање во семејствата, образовните институции и здравствениот систем, со цел да се надминат предрасудите и недоволната информираност.

Алиу посочи дека Министерството за здравство, заедно со Националната координаторка за трансплантација и трансплантациските тимови, во изминатите два месеца реализирало повеќе од 20 видеа во рамки на кампањата „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“, во кои учествувале лекари, хирурзи, медицински сестри и други здравствени работници.

Министерот информираше дека измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување се во завршна владина процедура. Според предложените решенија, секој полнолетен граѓанин при посета на матичен лекар ќе може да се изјасни дали сака или не сака по смртта да биде органодарител.

Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во системот „Мој термин“, со двојна верификација и можност одлуката во секое време да биде изменета или повлечена.

Алиу најави дека лично ќе биде меѓу првите кои ќе се регистрираат како органодарители кога системот ќе стане функционален.

Тој порача дека целта не е само да се создадат медицински услови за трансплантации, туку и да се изгради општество кое ја разбира вредноста на дарувањето органи и има доверба во институциите.

На крајот од обраќањето, министерот упати благодарност до сите трансплантациски тимови и здравствени установи кои учествувале во досегашните сложени трансплантациски процедури во земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни