Пожар што утринава избувна на отворен простор во близина на Казнено-поправната установа Велес – Превалец повторно се активираше поради засилениот ветер и се прошири во правец на селото Војница во Општина Чашка.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот бил пријавен околу 09:50 часот. Иако првично бил ставен под контрола за кратко време, околу 13:00 часот ветерот повторно ја активирал огнената линија и овозможил нејзино ширење на поголема површина.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека на терен се ангажирани екипи на Територијалната противпожарна единица Велес, а кон пожарот е упатен и ер трактор на ДЗС со цел да помогне во локализирањето на огнената стихија.
Во гаснењето учествуваат 10 пожарникари со три противпожарни возила од ТППЕ Велес, доброволци од Доброволното противпожарно друштво „Бабуна“, вработени од ЈКП „Тополка“ од Чашка, како и екипи од Шумското стопанство „Бабуна“ од Велес.
Огнот зафатил површина обрасната со сува трева и нискостеблеста деградирана шума, а надлежните внимателно ја следат состојбата на терен поради неповолните временски услови.
Поради пожарот, од Авто-мото сојузот на Македонија информираа дека од 14:30 часот е целосно затворен за сообраќај регионалниот пат Р-1312 Велес – село Извор. Возилата се пренасочуваат по алтернативен пат преку селото Горно Оризари.