Грчкиот Црвен крст ги предупредува туристите, рибарите и љубителите на морето за зголемениот број средби со опасната риба Lagocephalus sceleratus, позната и како „риба балон“ или „риба зајак“.
Надлежните предупредуваат дека овој вид претставува сериозен ризик и за луѓето и за морскиот екосистем. Рибата содржи силен невротоксин и е исклучително опасна за јадење дури и во мали количини.
Освен што е отровна, рибата може да предизвика и сериозни повреди. Таа има многу силни вилици, слични на клун, со кои може да нанесе длабоки рани и обилно крвавење.
Поради зголемениот број инциденти, Грчкиот Црвен крст објави препораки како да се реагира во случај на каснување. Експертите советуваат раната веднаш да се измие со чиста проточна вода, да се преземат мерки за запирање на крвавењето и повредениот што е можно побрзо да побара медицинска помош.
Опасниот вид првпат бил забележан во грчките води пред повеќе од една деценија, но во последните години неговата популација значително се зголемила. Според експертите, причината е недостатокот на природни непријатели во Средоземното Море.
Се смета дека рибата пристигнала во регионот од Индискиот Океан, минувајќи низ Суецкиот Канал, а денес веќе се среќава во голем дел од источниот дел на Средоземното Море.
Специјалистите апелираат луѓето да не допираат уловени примероци без заштитна опрема и во никој случај да не ги консумираат.