Македонија

Петмина под истрага за терористичка организација во Македонија

Петмина под истрага за терористичка организација во Македонија

Предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица од Скопје. Постои основано сомневање дека осомничените, на возраст од 22 до 34 години, сториле кривично дело „терористичка организација“.

Предметот е резултат на координирани активности спроведени под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам и Агенцијата за национална безбедност.

Според прибраните докази, првоосомничениот кон крајот на 2024 година формирал интернет-канал и група на социјална платформа, во која членувале и останатите осомничени.

Во текот на 2025 и 2026 година, преку овие комуникациски канали биле споделувани содржини со кои се промовирала и поддржувала идеологијата на терористичката организација ИСИС и други идеолошки поврзани терористички организации, како и џихадистички идеолошки материјали. Целта била ширење пропаганда, идеолошка индоктринација и глорификација на терористички дејствија и нивни извршители.

По наредба на судија на претходна постапка, вчера се извршени претреси на пет локации на подрачјето на Скопје, од кои три во Казнено-поправната установа Затвор Идризово, каде двајца од осомничените издржуваат казна за друго кривично дело, а еден осомничен се наоѓа во притвор, како и на уште две локации поврзани со останатите осомничени лица.

При претресите се пронајдени и одземени повеќе електронски уреди и други предмети, кои ќе бидат предмет на вештачење и понатамошна доказна постапка.

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје делумно го прифати предлогот на јавниот обвинител и на еден осомничен му определи мерка притвор, додека за друг му определи мерка куќен притвор.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни