Силното невреме што синоќа ја зафати Битола и околината, проследено со интензивни врнежи од повеќе од 40 литри дожд на квадратен метар, предизвика оштетувања на коловозите во повеќе делови од градот.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, информира дека екипите на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Водовод“ и „Комуналец“ од раните утрински часови се на терен и работат на санирање на последиците. Тој додаде дека заедно со директорите е на локациите со цел координација на активностите и побрзо нормализирање на состојбата.
Најголеми оштетувања се регистрирани во населбите Баир и Бадембалари, како и на улиците „Дебарска“, „Бихаќ“ и „Караорман“. Дел од екипите интервенираат и на потегот кон селата Кравари и Бистрица.
Невремето траеше од 22 часот до еден час по полноќ и предизвика значителни проблеми во одделни делови од градот. Надлежните служби продолжуваат со активностите за расчистување и воспоставување на редовен сообраќај.