Новите правила за утврдување и продолжување на боледувањата наскоро треба да стапат во сила, откако министерот за здравство Сашо Клековски денеска ја потпишал согласноста за измените и дополнувањата на правилникот. Измените се очекува да бидат објавени во „Службен весник“.
Клековски појасни дека промените не се однесуваат само на зајакнување на контролите и спречување на злоупотреби, туку предвидуваат и олеснувања за одредени категории пациенти.
„За подобрувањата за различни групи на пациенти нема да говорам, мислам дека Фондот за здравствено осигурување имаше соопштение вчера кои ќе бидат олеснувањата, за да не се стекне впечаток дека само се зголемуваат контролите“, рече Клековски.
Измените на правилникот се подготвени врз основа на компаративни анализи, а една од клучните промени е намалувањето на периодот во кој матичниот лекар може да отвори боледување без дополнителни критериуми, од седум на пет дена.
Клековски претходно објасни дека ова не значи скратување на правото на боледување, туку промена на начинот на кој се контролира неговото продолжување. Според него, бројот на боледувања што се издаваат по телефон е зголемен, поради што пет дена се сметаат за доволен период за ваков тип боледување.
Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека петтиот ден не претставува максимално времетраење на боледувањето.
„Прво, не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат“, изјави директорот на ФЗО, Златко Перински.
Тој посочи дека, доколку постои медицинска потреба, боледувањето може да трае 10, 20, 30 дена или подолго. По петтиот ден, доколку боледувањето продолжува, ќе се применуваат дополнителни медицински критериуми.
Матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена. За боледување подолго од 15 дена, како и досега, одлучува лекарската комисија на Фондот.
Од ФЗО очекуваат со измените да се намалат можностите за злоупотреба на боледувањата, без да се ограничува правото на пациентите на боледување кога за тоа постои медицинска потреба.