Злоупотребата на генеративната вештачка интелигенција за создавање сексуално експлицитни содржини без согласност засега има погодено и десетици членови на Европскиот парламент. Истражување на германската организација на цивилното општество „Агора дигитална трансформација“ покажува дека 50 европратеници биле мета на ваква „deepfake“ порнографија, од кои 46 се жени.
Тоа значи дека приближно секоја шеста жена во Европскиот парламент била жртва на ваква содржина.
Станува збор за користење генеративна вештачка интелигенција за создавање сексуално експлицитни прикази на реални лица без нивна согласност.
Европската унија на 2 декември треба да воведе забрана за апликациите кои овозможуваат генерирање голотија, познати како „nudifier“ апликации. Паралелно се води истрага и за слична употреба на алатката „Грок“ на социјалната мрежа „Икс“.
Група од 119 европратеници од различни политички партии побараа забраната да се спроведе ефикасно, како и истрагата за „Грок“ да биде завршена што е можно побрзо.
Барањето беше упатено на 30 септември преку писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Советот на ЕУ Антонио Коста, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и комесарите Хена Виркунен и Хаџа Лахбиб.
Меѓу потписниците се и лидерите на либералите од „Ренева“, социјалистите и левицата – Валери Хајер, Ираче Гарсија Перез и Манон Обри.
„Во спроведувањето на забраната не смее да има никакви правни дупки ниту одложувања“, изјави пратеничката на австриските Зелени, Лена Шилинг, која исто така го потпиша писмото.
Еден од авторите на извештајот, Бенјамин Шулц, посочува дека политичарите тешко можат да ја избегнат злоупотребата на нивните фотографии, бидејќи нивните слики се широко достапни на интернет.
Според него, за ефикасно спроведување на забраната, Европската комисија треба да ги повика на одговорност сите субјекти кои, намерно или ненамерно, го овозможуваат функционирањето на индустријата со ваква содржина.
Меѓу нив, според извештајот, се и давателите на платежни услуги и регистраторите на интернет-домени.
Во извештајот се препорачува Европската комисија да испита и на кој начин би можеле пребарувачите да бидат обврзани да ги отстрануваат веб-страниците со ваква содржина од резултатите од пребарувањето.