Македонија

Целосно се реконструира паркот „Жена Борец“, ќе добие нови мермерни патеки

Целосно се реконструира паркот „Жена Борец“, ќе добие нови мермерни патеки

Паркот „Жена Борец“ во центарот на Скопје е во фаза на целосна реконструкција, а градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во градежните активности.

Со реконструкцијата се предвидува обновување на постојните пешачки патеки и подни плочки, кои ќе бидат заменети со мермерни елементи, со што просторот треба да добие нов изглед.

Паралелно се врши реставрација на постојната урбана опрема, а паркот ќе биде дополнително хортикултурно уреден и збогатен со зеленило.

„Во срцето на нашето Скопје, Жена парк е едно од оние места каде што зеленилото, спомените и историјата се среќаваат. Место за одмор од градското секојдневие, за средби и прошетки, кое заслужува да биде уредено и негувано, со внимание кон секој детал. Токму затоа, во тек е неговата целосна реконструкција. Грижата за Скопје е наш приоритет и секојдневна одговорност“, изјави Ѓорѓиевски.

Како дел од активностите, претходно повторно беше ставен во функција и Вечниот оган кај фонтаната, кој подолг период не бил активен.

Градоначалникот посочи дека продолжуваат активностите за обновување и редовно одржување на постојните паркови во Скопје, но и за создавање нови зелени површини.

Целта, како што истакна, е да се обезбедат повеќе уредени простори за одмор, дружење и престој за граѓаните од сите генерации.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни