Становите во Атина и Солун поскапеа за повеќе од 90 отсто во периодот 2018–2025, а повеќе од два милиона домови се ненаселени, објави електронското издание на грчкиот весник „Прото Тема“, повикувајќи се на анализа на експертско независно тело при грчкиот парламент.
Анализата се темели на податоци од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), според кои Грција се соочува пред сè со проблем на распределба и искористување на постојниот станбен фонд, а не со недостиг од станови. Поради тоа се намалува понудата на недвижности за изнајмување или продажба, што пак предизвикува силен раст на цените.
Во периодот 2018–2025, цените на недвижностите во Атина пораснале за 95,7 отсто, а во Солун е забележано зголемување од 94 отсто. Според експертското тело, Грција има највисок удел на празни домови во Европа и истовремено е меѓу земјите со најголеми пораст на цените и на кириите.
Податоците покажуваат дека ненаселените домови од различни причини во земјата се над 2,2 милиони, што претставува 34,5 отсто од станбениот фонд. Недостапноста на недвижностите се должи на спорови меѓу наследници, правни пречки и високите трошоци за обнова на постојните згради.
Доколку празните станови се активираат и се понудат на пазарот, за период од шест години цените на домовите би можеле да се намалат до 24,6 отсто, наведува „Прото Тема“.