Балкан

Хрватска увезува работници од Узбекистан

Хрватска увезува работници од Узбекистан

Секцијата на работодавачите во градежништвото при Хрватската асоцијација на работодавачи потпиша меморандум за разбирање со Конфедерацијата на работодавачи на Узбекистан, со кој се воспоставува стратешка рамка за долгорочна соработка и одржливо вработување на работници од Узбекистан, пренесе агенцијата Хина.

Документот има за цел да помогне во задоволување на потребите на Хрватска од квалификувана работна сила, при што се гарантира заштитата на правата и достоинството на работниците од Узбекистан. Предвидено е и олеснување на вработувањето на стручен кадар во Хрватска, како и развивање програми за стручна обука усогласени со европските стандарди во градежништвото.

Работниците од Узбекистан ќе поминуваат интензивна практична обука во модерни обучни центри, ќе стекнуваат меѓународно признати квалификации и ќе посетуваат структурирана обука по хрватски јазик пред почетокот на работниот ангажман.

Партнерството има за цел и укинување на посредниците во процесот на вработување преку директна соработка со узбекистанските работодавачки организации. На тој начин се намалуваат трошоците за хрватските работодавачи и се елиминира ризикот работниците да плаќаат посреднички надоместоци.

Хрватска и натаму се соочува со изразен недостиг на работна сила поради неповолни демографски трендови и континуирана емиграција. Најпогодени сектори се градежништвото, преработувачката индустрија, логистиката, транспортот, туризмот и угостителството, наведува Хина.

Според податоци објавени во хрватските медиуми, во 2025 година биле издадени над 160 илјади дозволи за работа за странци. Меѓу главните земји-извори се вбројува и Узбекистан, заедно со Непал, Индија, Филипини и Египет.

До април 2026 година во земјата биле регистрирани над 105 илјади странски работници со важечки дозволи за престој и работа. Побарувачката е најголема во градежништвото и туризмот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни