Балкан

Грција ќе плаќа по 5,33 евра за килограм улов на опасната риба зајак

Грција ќе плаќа по 5,33 евра за килограм улов на опасната риба зајак

Грчката влада воведува финансиски поттик за рибарите кои ќе ја ловат инвазивната риба лагоцефалос, позната и како „зајачка усна“, во обид да го намали нејзиното ширење и да го заштити морскиот екосистем. За секој уловен килограм од оваа риба ќе се исплаќа субвенција од 5,33 евра.

Мерката ја најави министерот за рурален развој и храна Маргаритис Схинас по состанокот со претставници на рибарските организации, нагласувајќи дека грчкото рибарство се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои се инвазивните морски видови, нелегалниот риболов и нелојалната конкуренција.

Според Министерството, субвенцијата е дел од поширок пакет мерки за реструктурирање на секторот. Освен поддршка за трошоците за гориво, по примерот на мерките за земјоделците, ќе започне и пилот-програма за контрола на ширењето на лагоцефалос, која најпрво ќе се реализира во Јужниот Егеј.

Властите оценуваат дека исплатата од 5,33 евра по килограм ќе им обезбеди дополнителен приход на рибарите, но и ќе придонесе за намалување на бројноста на овој инвазивен вид, кој предизвикува значителна штета врз морскиот свет.

Лагоцефалос во последните години сè почесто се појавува во плитките крајбрежни води, вклучително и на популарни туристички плажи. Иако ретко напаѓа луѓе, оваа риба има исклучително силен загриз кој може да предизвика сериозни повреди.

Дополнителен ризик претставува и фактот што содржи тетродотоксин – моќен невротоксин кој се наоѓа во неколку делови од нејзиното тело и може да биде смртоносен доколку се консумира.

Покрај опасноста за луѓето, лагоцефалос создава проблеми и за рибарите бидејќи ги оштетува рибарските мрежи и влијае врз уловот на автохтоните видови.

Министерот Схинас најави дека Владата ќе продолжи со соработка со рибарските здруженија, научната заедница и Министерството за животна средина за изработка на долгорочна стратегија за справување со инвазивните видови и за зајакнување на грчкото рибарство.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни