Македонија

Никогаш не трчајте кон излезот и не користете лифт: Ова се правилата за однесување при земјотрес

Никогаш не трчајте кон излезот и не користете лифт: Ова се правилата за однесување при земјотрес

По последните силни земјотреси регистрирани во светот, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет ги потсети граѓаните на Македонија на основните правила за безбедно однесување пред, за време и по земјотрес.

Од Опсерваторијата нагласуваат дека иако земјотресите не можат да се предвидат, нивните последици можат значително да се намалат со навремена подготовка и правилна реакција.

Пред земјотрес, се препорачува граѓаните да проверат дали нивниот дом е конструктивно безбеден, да ги прицврстат високите ормани, полиците и тешките предмети за ѕидовите, да изготват семеен план за постапување во итни ситуации и да обезбедат пакет со неопходни средства, како вода, храна, батериска ламба, радио, резервни батерии, лекови и основни документи.

Во случај на земјотрес, експертите советуваат да се остане смирен и да не се трча кон излезот додека трае тресењето. Најбезбедно е да се засолните под цврста маса или покрај носечки внатрешен ѕид, при што треба да ги заштитите главата и вратот. Истовремено, потребно е да се избегнува близина на прозорци, стаклени површини и предмети што можат да паднат, како и да не се користи лифт.

Доколку се наоѓате на отворено, треба да се оддалечите од згради, фасади, столбови, дрвја и електрични водови. Ако управувате со возило, запрете на безбедно место, подалеку од мостови, надвозници и тунели.

По завршувањето на земјотресот, од Сеизмолошката опсерваторија предупредуваат дека е можно да следуваат последователни потреси, познати како афтершокови. Ако објектот е оштетен, треба внимателно да се напушти кога тоа ќе биде безбедно. Граѓаните се повикуваат да проверат дали има повредени лица и да помогнат доколку можат без да го загрозат сопствениот живот.

Воедно, се апелира да се следат информациите и упатствата од надлежните институции и да не се шират непроверени информации и гласини преку социјалните мрежи.

Од Опсерваторијата потсетуваат дека најдобрата заштита од последиците на земјотресите е добрата подготвеност, почитувањето на сеизмичките стандарди при градба и информираноста на населението.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни