Силниот топлотен бран што ја зафати Германија почнува да остава видливи последици врз инфраструктурата. Високите температури предизвикаа деформации на асфалтот на повеќе автопати, поради што делници се затворени, а илјадници возачи се соочуваат со долги колони и застои.
Поради оштетувања на коловозот, привремено се затворени делови од автопатите А2 и А10, а надлежните служби предупредуваат на можност од нови деформации на патиштата доколку екстремните горештини продолжат.
Особено погоден е автопатот А2, една од најважните сообраќајници што ги поврзува источниот и западниот дел на Германија. Во близина на Цизар, во покраината Бранденбург, асфалтот се надувал и попуштил, поради што дел од коловозот бил затворен за сообраќај. Возилата се пренасочуваат кон локалните патишта, што создава дополнителен метеж и значителни доцнења.
Во меѓувреме, во германската покраина Тирингија е активирана зимската служба, но овојпат со невообичаена задача – наместо расчистување снег, цистерните со вода го ладат асфалтот за да се спречат нови оштетувања. На терен се ангажирани и дополнителни екипи кои им помагаат на возачите заглавени во долгите колони.
Експертите предупредуваат дека сè почестите екстремни температури претставуваат сериозен предизвик за патната инфраструктура и носат високи економски трошоци, поради што се отвора прашањето за адаптација на патиштата кон климатските промени.