Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека од март следната година повторно ќе биде воведено задолжителното служење воен рок, пренесе „Н1“.
Најавата Вучиќ ја соопшти за време на обиколка на воената опрема на аеродромот „Миленко Павловиќ“ во Батајница, во близина на Белград. „Пред тоа ќе се спроведат соодветните бирократски процедури, а во март започнуваме со служење на многу краткиот воен рок. Тоа дополнително ќе ги зајакне нашите одбранбени капацитети“, изјави тој.
Властите претходно најавија враќање на задолжителното служење воен рок во траење од 75 дена за мажи до 30-годишна возраст.
Војската на Србија со одлука на тогашните власти официјално стана професионална на 1 јануари 2011 година, кога стапи на сила собраниската одлука за укинување на задолжителниот воен рок. Редовната воена обврска тогаш беше заменета со доброволно служење, а составот на војската се пополнуваше со професионални војници и офицери.