Министерството за внатрешни работи упати предупредување до родителите, старателите и наставниците за насилната онлајн заедница „764“, чии членови таргетираат деца, малолетници и други ранливи лица. Според МВР, тие преку манипулации, закани и уцени ги принудуваат жртвите да споделуваат интимни содржини, да се самоповредуваат или да вршат насилство.
Апелот е превентивен, а во соопштението не се наведуваат конкретни регистрирани случаи во Македонија.
Од МВР посочуваат дека за опасноста предупредуваат и меѓународните безбедносни институции, меѓу кои американското Федерално истражно биро (ФБИ), кое ја поврзува „764“ со пошироки насилни екстремистички заедници.
Членовите воспоставуваат контакт преку социјални мрежи, апликации за комуникација и платформи за онлајн игри, меѓу кои Discord, Telegram, Roblox, Instagram, TikTok, Snapchat, Reddit, X, Minecraft и Fortnite. Најчесто се претставуваат како врсници или како лица заинтересирани за пријателски или емотивен однос.
Откако ќе ја стекнат довербата на детето, според МВР, започнуваат со закани и уцени. Добиените фотографии и видеоснимки ги користат за дополнително заплашување и контрола врз жртвата.
„Тие не треба да се чувствуваат виновни или да се плашат да пријават, без оглед на околностите“, порачуваат од Министерството, нагласувајќи дека децата треба да знаат оти можат веднаш да побараат помош од родител, старател, наставник или надлежна институција.
Родителите се повикуваат да внимаваат на ненадејно повлекување во себе, страв, вознемиреност, зголемена таинственост при користењето телефон или компјутер и интензивна комуникација со непознати лица. Предупредувачки знаци се и заканувачки пораки, барања за интимни содржини, необјаснети повреди и изразување безнадежност.
Од МВР нагласуваат дека ваквите промени сами по себе не докажуваат дека детето е жртва на групата, но не треба да се игнорираат. Препорачуваат внимателен пристап и отворен разговор за активностите на интернет, контактите и ризиците од споделување лични податоци и интимни содржини.
Сомнежите и информациите за вакви активности може да се пријават на cybercrime@moi.gov.mk, до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.
Министерството советува да се зачуваат пораките, корисничките имиња, линковите и другите релевантни податоци, но да не се преземаат или препраќаат експлицитни материјали со малолетници. Истовремено, апелира да не се влегува во конфронтација со лицата што упатуваат закани и да не се преземаат чекори што дополнително би ја загрозиле безбедноста на детето.