Поради високите температури кои ја зафатија земјава, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати препораки до граѓаните како да се заштитат од негативните последици на топлотниот бран и да го намалат ризикот од топлотен удар и други здравствени компликации.
Од Институтот советуваат да се избегнува престој на отворено во најтоплиот дел од денот, односно во периодот од 11 до 17 часот, кога сончевото зрачење е најсилно. Доколку излегувањето е неопходно, се препорачува почесто одморање под сенка и избегнување директна изложеност на сонце.
Граѓаните треба да носат лесна и светла облека, како и капа и очила за сонце, а најголем дел од денот да го поминуваат во разладени или климатизирани простории. Дополнително, се препорачува во текот на денот да се држат затворени прозорците и ролетните, а просториите да се проветруваат навечер кога температурите се пониски.
ИЈЗ апелира да се внесуваат доволно течности во текот на целиот ден, без да се чека појавата на чувство на жед. Најдобар избор е водата, а може да се консумираат и минерални безалкохолни пијалаци. Истовремено, се советува да се избегнуваат алкохол, пијалаци со кофеин и многу ладни напивки.
Во однос на исхраната, препораката е да се јаде полесна храна и да се избегнуваат масни, висококалорични и премногу засладени оброци.
Од Институтот потсетуваат и дека никогаш не треба да се оставаат луѓе или домашни миленици во затворено паркирано возило, бидејќи температурата во него за кратко време достигнува опасно високи вредности.
За разладување се препорачува туширање со млака вода, ставање ладни облоги или потопување на стапалата во ладна вода.
Посебен апел е упатен до лицата со хронични заболувања, особено со кардиоваскуларни, невролошки и белодробни болести. Тие треба строго да се придржуваат до препораките, редовно да ја земаат пропишаната терапија и при секоја промена на здравствената состојба да се консултираат со својот матичен лекар.