Тригодишно момче преживеа шест дена под урнатините по разорниот земјотрес во Венецуела, соопшти јорданскиот спасувачки тим кој учествува во потрагата по затрупаните.
Спасувачите објавија и видео од моментот кога момчето, по име Клебер Моран, беше извлечено живо од урнатините во венецуелската сојузна држава Гуаира. Неговото име го соопшти привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез.
Cuando parecía que ya no quedaba esperanza, llegó un nuevo milagro
Un niño de apenas tres años fue encontrado con vida tras permanecer casi seis días atrapado bajo los escombros después de los devastadores terremotos que sacudieron Venezuela pic.twitter.com/jv56LYcMYB
— ABC.es (@abc_es) July 1, 2026
„Спасувањето на детето е момент на надеж за Венецуела“, изјави таа.
Во меѓувреме, Обединетите нации предупредија дека на десетици илјади луѓе итно им се потребни храна и засолниште.
Венецуела на 23 јуни беше погодена од два силни земјотреса со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала.
Бројот на загинати достигна 1.943, повеќе од 10.000 лица се повредени, а по десетици илјади сè уште се трага.
Според првичните проценки, изработени врз основа на сателитски снимки на НАСА, околу 58.870 згради се оштетени или целосно уништени.
На Клебер веднаш му била укажана прва помош, по што бил пренесен во болница. Од Јорданската цивилна заштита информираат дека покажува позитивни знаци на функционирање на виталните органи.
Тој се лекува во главниот град Каракас, соопшти претседателот на венецуелското Собрание, Хорхе Родригез.
Спасувањето на момчето се случи значително подоцна од критичниот период од три дена по земјотресот, кој експертите го сметаат за време кога затрупаните имаат најголеми шанси да бидат пронајдени живи.
Гуаира е едно од најтешко погодените подрачја, каде што локалното население самостојно се обидува да ги извлече затрупаните под урнатините.
Во оваа област има недостиг од храна, основните јавни услуги се прекинати, а комуникациската инфраструктура е сериозно оштетена, предупредува Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР).
„Тензиите меѓу населението растат бидејќи пристапот до хуманитарна помош и понатаму е ограничен“, се наведува во соопштението.
Иако пристигнуваат пратки со хуманитарна помош, ситуацијата останува тешка.
„Понекогаш луѓето речиси се тепаат за храна. Изгледа како борба на петли“, изјави за Франс прес 18-годишната продавачка Даниела Армас, која била повредена кога за време на земјотресот паднала од мотор.
Според УНХЦР, за првичниот одговор на кризата се потребни најмалку 15 милиони долари за обезбедување основни потреби, заштита и привремено сместување за околу 30.000 лица во следните шест месеци.
Од Светската здравствена организација (СЗО) предупредуваат дека здравствениот систем во Венецуела е под огромен притисок.
„Постои зголемен ризик од ширење на болести што можат да се спречат со вакцинација, како што се сипаниците и дифтеријата, бидејќи опфатот со вакцинација во земјата е низок“, изјави портпаролот Кристијан Линдмаер.
Хорхе Родригез оцени дека спасувањето на Клебер покажува дека сè уште има надеж за пронаоѓање преживеани под урнатините, кои и натаму ги пребаруваат домашни и меѓународни спасувачки тимови со тешка механизација и кучиња трагачи.
Во меѓувреме, меѓународната хуманитарна помош продолжува да пристигнува во Венецуела. Досега се доставени 47 тони медицинска и друга неопходна опрема, вклучувајќи средства за безбедно породување, нега на новороденчиња и превенција од заразни болести.
Паралелно започна и погребувањето на жртвите, додека многу семејства сè уште чекаат да ги идентификуваат посмртните останки на своите најблиски.
„Во нашето домаќинство имаше 11 членови. Само двајца преживеавме, затоа што во моментот на земјотресот бевме на работа“, изјави за Франс прес Вилкер Мољаља, кој чека да ги идентификува телата на својата сестра, нејзините деца и децата на неговиот брат.