Бизнис

Регистрирана „Акса Енерџи Македонија“: стартува проектот за гасификација

Регистрирана „Акса Енерџи Македонија“: стартува проектот за гасификација

„Казанџи Холдинг“ од минатата недела и официјално е присутен во земјава со регистрацијата на „Акса Енерџи Македонија“, компанија која, согласно најавите, треба да ја гасифицира државата и да ја изгради секундарната мрежа во населените места. Официјализирањето на новиот инвеститор се толкува како сигнал дека по долгогодишна стагнација ќе се забрза реализацијата на гасната инфраструктура, иако претходно беа потрошени стотици милиони евра за магистрални гасоводи кои и понатаму во голема мера остануваат неупотребени.

Енергетскиот сектор повеќе од една деценија минува низ постепена трансформација кон поголема употреба на природен гас, при што гасификацијата се промовира како клучен инструмент за намалување на загадувањето и зголемување на енергетската ефикасност. Сепак, изградбата на гасоводната и дистрибутивната мрежа се одвива бавно, со бројни доцнења, институционални промени и недоволна искористеност на веќе изградената инфраструктура.

Во последните години, во фокусот повторно се најде проектот за гасификација преку потенцијално јавно-приватно партнерство со енергетската компанија „Акса“, дел од групацијата „Казанџи Холдинг“. Компанијата е активна на меѓународно ниво во производство и дистрибуција на енергија и управува со капацитети во повеќе држави.

Според досегашните најави, соработката со „Акса“ би опфатила развој на дистрибутивна гасна мрежа, топлификациски системи и изградба на когенеративни постројки (гасни електрани), со проценета вредност од над една милијарда евра. Проектот е замислен како долгорочна инвестиција што би ги опфатила урбаните и индустриските центри, со можност за проширување и во рурални средини.

Идејата за целосна гасификација постои од почетокот на 2010-тите, а дел од магистралните гасоводи беа започнати во изминатата деценија. Но, ревизорските извештаи и анализи на институциите покажуваат дека реализацијата оди побавно од планираното, дел од инфраструктурата сè уште не е ставена целосно во функција, а пристапот на домаќинствата до дистрибутивната мрежа останува ограничен.

Пред една година Владата потпиша меморандум со „Казанџи Груп“ за поставување основи за изградба на гасни електрани и дистрибутивна гасна мрежа. Тогаш претседавачот на „Казанџи Холдинг АС“, Шабан Џемаил, накратко изјави дека јавноста ќе биде запознаена со деталите по официјализирањето на договорот. По потпишувањето на меморандумот, се очекуваше распишување повик за овој стратешки проект, на кој, според објавите на порталот „Фактор“, треба да учествува „Акса Енерџи“.

„Со оваа инвестиција се отвораат нови можности за индустријата, се поддржува гасификацијата, се отвораат нови работни места и се зајакнува енергетската отпорност на државата. Истовремено, со развојот на домашни производствени капацитети ја намалуваме зависноста од увоз и влијанието на надворешни ценовни и политички ризици“, изјави тогаш Мицкоски на заедничка прес-конференција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни