Сеизмолошките служби денеска регистрираа земјотрес со умерена јачина кој го потресе подрачјето на Грција и предизвика вознемиреност кај локалното население и туристите.
Според податоците, земјотресот изнесувал 5,4 степени според Рихтеровата скала и се случил околу 11 часот по локално време, на длабочина од приближно 15 километри.
Епицентарот бил лоциран на околу 25 километри од островот Карпатос и околу 189 километри од Хераклион на островот Крит.
Засега нема информации за повредени лица или материјална штета.
На платформата на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), граѓани и туристи опишуваат дека потресот бил јасно почувствуван, но краткотраен.
„Лежалките се тресеа додека лежевме на нив“, „Земјата се тресеше силно“, се дел од реакциите објавени од корисници.
Еден очевидец наведува дека потресот траел неколку секунди и бил доволен да предизвика паника кај гостите во хотелските објекти, додека други пријавиле дека земјотресот бил почувствуван и на островот Родос.
Сеизмолозите продолжуваат да ја следат состојбата во регионот.