Македонија

ЦУК со извештај за последиците од невремето во Скопје: Поплавени улици, подвозници, подруми, гаражи и станбени куќи

ЦУК со извештај за последиците од невремето во Скопје: Поплавени улици, подвозници, подруми, гаражи и станбени куќи

Силното невреме што го зафати Скопје предизвика повеќе поплави, нарушувања во сообраќајот и оштетувања на инфраструктурата во различни делови од градот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според податоците добиени преку Единствениот број за итни повици 112 и надлежните институции, регистрирани се поплавени подвозници, кружни текови, улици, како и станбени и деловни објекти.

Најголем број пријави се однесуваат на поплавени подруми, гаражи и станбени куќи, како и отежнато движење по градските сообраќајници.

Во статистичкиот преглед се наведува дека се поплавени 2 подвозника, 3 кружни текови и повеќе од 8 улици, додека проблеми се регистрирани во најмалку пет населби – Кисела Вода, Автокоманда, Чаир, Аеродром и Горно Лисиче.

Пријавени се и поплавени станбени објекти, подруми и гаражи, како и два деловни објекти – магацини. Еден јавен објект, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), исто така е зафатен од поплавување, при што се пријавени штети во подрумските простории, гаражите, холот и амфитеатарот.

Проблеми се регистрирани и кај критичната водна инфраструктура, при што Усјанскиот канал и реката Серава имаат зголемено ниво и ризик од излевање.

Од ЦУК посочуваат дека како најкритични подрачја се издвојуваат Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Аеродром, каде што има најголем број интервенции и пријави.

На терен се ангажирани екипи од Територијалните противпожарни единици, Дирекцијата за заштита и спасување, јавните комунални претпријатија, општинските служби, „Македонија Пат“ и други надлежни институции, кои работат на расчистување и нормализирање на состојбата.

Состојбата, како што велат од ЦУК, се следи континуирано, а интервенциите се вршат според приоритет и степен на ризик.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни