Интензивна дебата се отвора во европските институции околу голем градежен проект во Албанија, откако дел од европратениците изразија сериозни забелешки за неговото влијание врз животната средина и европските интеграции на земјата.
Холандската европратеничка Тинеке Стрик, која ја предводеше мисијата на Европскиот парламент за утврдување факти во Албанија, предупреди дека албанските власти „си играат со оган“ инсистирајќи на проект вреден 1,4 милијарди евра, за кој таа смета дека може да го загрози недопрениот крајбрежен појас.
Во интервју за „Гардијан“, Стрик порача дека ако премиерот Еди Рама навистина е посветен на европскиот пат на земјата, треба да се дистанцира од проектот и јасно да стави до знаење дека приоритет е Европската Унија.
„Тие во моментов го загрозуваат процесот за кој толку многу се грижат. Си играат со оган“, изјави Стрик, додавајќи дека членството во ЕУ има поддршка од околу 92 проценти од албанските граѓани.
Според наводите, проектот е поврзан со планови за изградба на луксузни туристички комплекси, вклучително и на островот Сазан и долж дел од крајбрежјето на полуостровот Зврнец. Критичарите предупредуваат дека станува збор за чувствителни природни области кои може да претрпат значителни штети.
Европскиот парламент минатиот месец усвои резолуција во која ја изрази загриженоста за развојот на настаните, поддржувајќи ги протестите на граѓаните и повикувајќи на запирање на градежните активности во заштитени зони, пренесува „Гардијан“.
По нејзината четиридневна посета на терен, Стрик истакна дека евентуалното продолжување на проектот може да создаде сериозни проблеми за Албанија во процесот на преговори со ЕУ, особено во Поглавје 27, кое се однесува на животната средина.
Таа оцени дека планираната изградба претставува „огромна закана“ за чувствителните области и дека веќе се забележани последици и прекршувања на европските директиви.
Стрик изрази и загриженост за транспарентноста на процесот и можни случаи на корупција поврзани со издавање градежни дозволи и продажба на земјиште, посочувајќи дека дел од владините претставници најавиле продолжување на проектот.
И покрај критиките, таа нагласи дека е охрабрена од ангажманот на албанските граѓани кои протестираат и бараат поголема одговорност и почитување на европските вредности.
„Заминувам со впечаток дека албанскиот народ силно ја поддржува европската иднина и чувствува дека припаѓа во ЕУ“, изјави Стрик.