Лошото време во Романија предизвика десетици поплавени куќи, дворови и подруми, паднати дрвја и електрични столбови, како и оштетени возила во вкупно 61 населено место во 20 окрузи, јави Аџерпрес, повикувајќи се на утрински актуелни податоци. Нема пријави за заглавени лица.
Според Департманот за вонредни состојби на Романија, од вчера наутро до денес се регистрирани поплави во 23 куќи, 47 дворови, 44 подруми, две јавни институции, две улици и на други локации.
Случаите со паднати дрвја што барале расчистување се 64, а во засегнатите окрузи има и пет паднати електрични столбови и пет оштетени превозни средства.
Сообраќајот на патиштата, како и железничката линија меѓу станиците Брашов и Бартоломеу во округот Брашов, биле привремено отежнати поради насобрана вода на трасите.
Одделно, во Букурешт е интервенирано за испумпување вода од 33 подруми и еден двор, а исчистени се и 41 паднато дрво.
Во соседниот округ Илфов, исто така, се евидентирани неколку случаи на поплавени куќи, дворови, подруми и една улица, како и паднати дрвја.