Грчката влада најави мерки со кои ќе спречи нови поскапувања на основните прехранбени производи за време на летната туристичка сезона, со цел да ги заштити и граѓаните и бројните посетители кои престојуваат во земјата.
Министерот за развој, Такис Теодорикакос, соопшти дека по состанокот со претставници на прехранбената индустрија и синџирите на супермаркети е постигнат договор цените на производите да останат стабилни во текот на јули и август, без нови зголемувања.
Според него, смирувањето на состојбата на Блискиот Исток придонело за нормализирање на цените на нафтата, што ги намалило и инфлаторните притисоци на меѓународните пазари.
Теодорикакос посочи дека договорот се однесува и на околу 2.000 производи чии цени веќе биле намалени за околу шест проценти во изминатите месеци, благодарение на мерката за ограничување на профитните маржи. Компаниите, како што рече, се обврзале овие пониски цени да останат во сила и во текот на летниот период.
Министерот најави и подготовка на „национален социјален пакт“, кој треба да стартува од почетокот на септември. Со него се предвидува дополнително намалување на цените на основните производи за широка потрошувачка, како дел од мерките за поддршка на грчките домаќинства.
Воедно потсети дека мерката за ограничување на профитните маржи, која беше воведена како привремено решение за справување со инфлацијата, истече на 30 јуни, а новите договори со трговците треба да обезбедат продолжување на трендот на стабилни и пониски цени.