Македонија

Петровска: Моето учество во „Разговори за Македонија“ е за доброто на СДСМ, предлозите за реформи во партијата се игнорираат

Петровска: Моето учество во „Разговори за Македонија“ е за доброто на СДСМ, предлозите за реформи во партијата се игнорираат

оранешната министерка за одбрана и претседавачка на Централниот одбор на СДСМ, Славјанка Петровска, преку објава на социјалните мрежи се осврна на реакциите што ги добила по своето учество во „Разговорите за Македонија“, нагласувајќи дека останува лојална на партијата и на социјалдемократските вредности.

Петровска наведе дека во изминатите денови примила бројни пораки и телефонски повици со поддршка, прашања и критики, по што решила јавно да го образложи својот политички ангажман.

Во објавата таа потсетува дека е членка на СДСМ од 2000 година и дека повеќе од две децении активно учествувала во партиските активности, изборни кампањи и политички процеси. Истакнува дека останала во партијата и во периодите кога СДСМ бележел изборни порази, како и во, како што наведува, најтешките моменти за партијата.

Петровска посочува дека била дел од протестите, политичките активности во периодот на објавувањето на „Вистината за Македонија“, како и од настаните поврзани со промените по 2017 година. Таа наведува дека своите државни функции – дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, пратеничка и министерка за одбрана – ги прифатила во период кога партијата се соочувала со сериозни политички предизвици.

Осврнувајќи се на внатрепартиските случувања, Петровска потсетува дека во 2024 година се кандидирала за претседател на СДСМ со програмата „Манифест за социјалдемократијата“, но ја повлекла кандидатурата поради, како што наведува, кршење на принципите и правилата во изборниот процес.

Таа додава дека во изминатиот период предложила ветинг на пратениците и партиското раководство, како и измени на Статутот со цел поголема моќ на одлучување да добие членството, но, според неа, за тие предлози немало одговор.

Во однос на своето учество во „Разговорите за Македонија“, Петровска нагласува дека тоа не треба да се сфати како дејствување против СДСМ.

„Моето учество во Разговорите за Македонија не е против СДСМ, туку за СДСМ. Затоа што јас сум социјалдемократ и по убедување и по дејствување“, наведува Петровска во објавата.

На крајот од своето обраќање таа ја цитира Еленор Рузвелт: „Големите умови дискутираат за идеи; просечните умови разговараат за настани; малите умови разговараат за луѓето.“

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни