Две лица од Скопје се приведени под сомнение дека го предизвикале големиот пожар што вчера попладне избувна во напуштен објект на булеварот „Македонија“, во близина на „Рампа“ во центарот на градот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Станува збор за С.А. (34) и И.Х. (39), кои се сомничат за кривичното дело „предизвикување општа опасност“.
Според МВР, пожарот предизвикал сериозна интервенција на скопската Противпожарна бригада. При гаснењето на огнената стихија, еден пожарникар се здобил со телесни повреди, а биле оштетени и две противпожарни возила.
Полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода двајцата осомничени кратко по настанот, а во тек е целосно расчистување и документирање на случајот. По завршување на постапката, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.
Од МВР дополнително информираат дека на 5 јули 2026 година околу 16:00 часот во Центар, осомничените наводно предизвикале пожар во напуштениот објект, по што интервенирале противпожарните екипи и полицијата, а во 17:30 часот тие биле приведени.