Македонија

На рочиштето за „Пулс“ презентирани докази од мобилните телефони на првообвинетиот Дејан Јованов и неговиот син Михајло Јованов

На рочиштето за „Пулс“ презентирани докази од мобилните телефони на првообвинетиот Дејан Јованов и неговиот син Михајло Јованов
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Со презентирање на телефонски комуникации извлечени од мобилните телефони на првообвинетиот Дејан Јованов и неговиот син Михајло Јованов, денеска продолжи судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Обвинителството пред Судот презентираше СМС-пораки и комуникации преку апликацијата „Вибер“, од кои, според обвинителите, произлегува дека Дејан Јованов разменувал пораки со повеќе лица запишани во неговиот телефон како „началничка Марија“, „Весна инспекторка“, „Ацо командант“, „Магдалена лиценца“, „Вики економија“ и други.

Според презентираните материјали, во дел од комуникациите Јованов добивал информации за најавени инспекциски и полициски контроли, разговарал со вработени и службени лица за постапување при проверки, а бил и потсетуван дека му истекува лиценцата за работа и дека треба да побара нејзино продолжување.

Меѓу доказите беше прочитана и комуникација од 16 март 2025 година, денот на трагедијата, во која Михајло Јованов го известува својот татко дека во угостителскиот објект „Булевар“ има полициска рација од службеници од Радовиш, кои, како што наведува, „не се наши“, додавајќи дека контролата ќе продолжи и во дискотеката „Пулс“ и дека таму има голем број малолетници кои треба да бидат отстранети. На тоа, според Обвинителството, Дејан Јованов одговорил дека „и така ќе оди во стечај“.

По презентирањето на доказите, родителите на загинатите во пожарот оценија дека содржината на комуникациите отвора сериозни прашања за евентуална институционална заштита на сопствениците на дискотеката.

Александар Наунов, кој говореше во име на семејствата на жртвите, изјави дека комуникациите упатуваат на можни влијанија врз контролите и постапките на институциите, но и отвораат прашања за улогата на Михајло Јованов во управувањето со дискотеката.

Тој посочи дека во презентираните материјали за првпат се споменуваат имиња на лица кои, според него, имале интензивни контакти со сопствениците на „Пулс“ и „Класик“, а не се опфатени со обвинението.

„Има полициски службеници кои биле во постојана комуникација со обвинетите и кои наводно им најавувале контроли, како и поранешен полициски службеник кој има стотици комуникации со сопственикот и неговиот син. Тоа отвора прашање дали случајот е целосно истражен и дали има потреба од дополнителни истраги“, рече Наунов.

Од Обвинителството најавија дека од нивните материјални докази останува уште да бидат изведени градежното вештачење и исказите на вештите лица. Потоа доказната постапка ќе ја продолжи одбраната, која најави дека ќе предложи свои материјални докази, сведоци и две вештачења.

Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, за време на настап на музичката група ДНК, животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Трагедијата се смета за една од најтешките во поновата историја на Македонија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни