Балкан

Косовските власти со нов удар врз организираниот криминал: Запленет имот на брачен пар

Косовските власти со нов удар врз организираниот криминал: Запленет имот на брачен пар

Косовските институции запленија имот во вредност од околу еден милион евра во Приштина, во рамките на меѓународна истрага за перење пари поврзана со трговија со дрога, соопштија надлежните органи.

Акцијата била реализирана од Косовската полиција и Специјалното обвинителство на Косово по барање на италијанските правосудни органи, во соработка со француските власти и со координација на Европол и Евроџаст.

Во текот на истрагата биле анализирани докази прибрани во рамки на меѓународната операција, како и информации обезбедени преку барања за меѓународна правна помош што ги испратиле италијанските власти.

Врз основа на собраните докази, истражителите идентификувале банкарски сметки, деловни активности, недвижен имот и луксузни возила кои се воделе на брачен пар од Косово, кој живее во Италија.

Според обвинителството, брачниот пар е предмет на кривична истрага во Италија поради сомневање за перење пари, а бил уапсен во Франција во септември минатата година. При нивното приведување, француската полиција открила повеќе од 56 килограми златни шипки и 2,5 милиони евра во готовина, сокриени во специјално изработени прегради во две возила.

Истражните органи наведуваат дека во септември 2025 година била запленета и друга имотна корист вредна повеќе од 30 милиони евра, за која постои сомневање дека потекнува од активности на транснационална криминална мрежа што перела пари стекнати од трговија со дрога во Франција.

Според истрагата, криминалната мрежа ги претворала паричните средства во злато за да го прикрие нивното потекло и да го олесни транспортот преку државните граници, особено кон Косово, Турција и Мароко.

Од Специјалното обвинителство на Косово соопштија дека, во координација со Косовската полиција, биле преземени сите неопходни истражни мерки што довеле до идентификување, следење и заплена на имотот.

Во реализацијата на операцијата значајна улога имале Европол и Евроџаст, кои ја координирале оперативната и правосудната соработка меѓу Франција, Италија и Косово, овозможувајќи откривање и заплена на имот во повеќе држави. Дополнителна поддршка за истрагата обезбедила и Програмата на Европската Унија за внатрешни работи на Косово.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни