Министерството за внатрешни работи објави резиме на резултатите од своето работење во изминатите две години, нотирајќи дека благодарение на професионалната и неселективна работа, криминалитетот во државата е доведен на најниско ниво во последните две децении. Според официјалното соопштение, вкупниот криминалитет бележи пад од 30 проценти, додека ефикасноста во откривањето на кривичните дела и нивните сторители е подигната на високи 69 проценти.
Во делот на стратешката борба против организираниот криминал, полицијата сузбила над 30 организирани криминални групи, при што бројот на разбиени мрежи поврзани со корупција е зголемен за половина. Истовремено, МВР бележи сериозен пресврт во сузбивањето на трговијата со дрога, каде се откриени над 1.600 кривични дела и пријавени околу 1.900 сторители. Во овој период запленети се вкупно 6,2 тони наркотици, спречени се девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, а заплените на кокаин се зголемени за повеќе од 300 проценти.
Позитивни поместувања се регистрирани и во рамките на јавната безбедност каде имотниот криминал е намален за над 30 проценти, а стапката на разбојништва и разбојнички кражби е во пад за повеќе од 40 проценти, што според министерството директно влијае врз поголемата сигурност на граѓаните и локалните заедници. Од соопштението потенцираат дека овие бројки значат спречени кривични дела и спасени животи, при што упатија благодарност до полициските службеници за пожртвуваноста и најавија уште поодлучна борба против криминалот во иднина.