Македонија

Скопје ќе донира 1,2 милиони денари за помош на Венецуела по разорниот земјотрес

Скопје ќе донира 1,2 милиони денари за помош на Венецуела по разорниот земјотрес

Град Скопје ќе обезбеди финансиска помош од 1.200.000 денари за справување со последиците од разорниот земјотрес што ја погоди Венецуела, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, истакнувајќи дека станува збор за гест на солидарност и благодарност кон земја која му помогнала на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Ѓорѓиевски потсети дека Скопје добро знае што значи да се помине низ трагедија предизвикана од силен земјотрес и нагласи дека токму солидарноста на меѓународната заедница му помогнала на градот повторно да се издигне.

Тој посочи дека Венецуела била меѓу првите земји што испратиле помош по катастрофата во 1963 година, поради што, како што наведе, денес Скопје ја возвраќа поддршката кон пријателскиот народ.

„Град Скопје доделува финансиска помош во висина од 1.200.000 денари за справување со последиците од земјотресот, како искрен чин на солидарност кон пријателскиот народ на Венецуела“, истакна Ѓорѓиевски.

Воедно, тој изрази сочувство до семејствата на загинатите и им посака брзо закрепнување на повредените, нагласувајќи дека мислите на граѓаните на Скопје се со сите кои се погодени од трагедијата.

„Скопје беше изградено од солидарноста на светот, меѓу кои беше и Венецуела. Скопје памети, сочувствува и помага“, порача градоначалникот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни