Свет

Цените на нафтата повторно во нагорна линија по новите американски напади врз Иран

Цените на нафтата повторно во нагорна линија по новите американски напади врз Иран

Новата ескалација на тензиите на Блискиот Исток повторно ги потресе светските енергетски пазари, при што цените на нафтата забележаа значителен раст по информациите за американски напади врз Иран и нападите врз бродови во Ормускиот Теснец.

Цената на суровата нафта од типот „Брент“, која претставува меѓународен репер, утрово порасна за 2,6 проценти и достигна 76,09 долари за барел. Во исто време, американската референтна сурова нафта (WTI) поскапе за ист процент и се тргуваше по цена од 72,25 долари за барел.

Според американските медиуми, растот на цените следува откако САД започнаа нови напади врз Иран, по објавите дека Техеран нападнал три брода во Ормускиот Теснец – еден од најважните светски поморски правци за транспорт на нафта.

Аналитичарите потсетуваат дека цените на нафтата неодамна се вратија на нивото од пред почетокот на конфликтот со Иран кон крајот на февруари, но најновите безбедносни случувања повторно ја зголемија неизвесноста на пазарите.

На девизниот пазар, американскиот долар зајакна во однос на јапонскиот јен и достигна вредност од 162,38 јени, додека курсот на еврото остана речиси непроменет и изнесуваше 1,1414 американски долари.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни