Екстремните временски услови веќе не се изолирани појави, туку реалност со која се соочуваат милиони жители низ Европа. Новата анализа на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) и Eurofound покажува дека четири од пет Европејци биле погодени од некој вид екстремен временски настан, додека голем број домаќинства немаат финансиски можности да се заштитат од последиците.
Речиси 40 отсто од граѓаните во Европската унија велат дека не можат да си дозволат соодветно ладење на домовите за време на топлотни бранови. Најголем товар носат регионите каде температурните екстреми се комбинираат со економски тешкотии.
Податоците покажуваат јасна поделба на континентот – јужна Европа се соочува со разорни пожари и долготрајни горештини, додека централниот и источниот дел се борат со поплави и стравувања за идниот пристап до вода.
Јужна Европа под закана од пожари
Пожарите и чадот се најголем проблем во медитеранските земји. Во Грција, 41 отсто од испитаниците пријавиле дека биле изложени на пожари или чад, додека во Португалија тој процент изнесува 35 отсто. Во споредба, европскиот просек е само 8 отсто.
На Кипар, пак, секој петти жител изјавил дека бил погоден од пожари или последиците од нив. Во регионот и понатаму траат борбите со огнените стихии, а илјадници луѓе беа принудени да ги напуштат домовите.
Поплави наместо пожари во централна Европа
Додека јужните делови на континентот се соочуваат со екстремни горештини и пожари, централна и источна Европа се изложени на зголемен ризик од поплави.
Во Австрија, 26 отсто од граѓаните пријавиле дека биле погодени од поплави, а во Словенија 19 отсто. Овие бројки се значително над европскиот просек кој изнесува 11 отсто.
Анализата покажува дека климатските последици не се рамномерно распоредени – различни региони се соочуваат со различни закани, од суши и пожари до поплави и проблеми со водоснабдувањето.
Сиромаштијата ја зголемува ранливоста на горештините
Финансиската состојба има големо влијание врз тоа како домаќинствата ги поднесуваат топлотните бранови. Во централно-источна Европа, 46,1 отсто од луѓето немаат можност да го разладат својот дом во најжешките периоди.
Во северна Европа, овој проблем го пријавиле 30,1 отсто од испитаниците. Кај домаќинствата кои тешко успеваат да ги покријат месечните трошоци, процентот надминува 66 отсто.
Расте стравот од идните климатски екстреми
Загриженоста за иднината е особено изразена во јужна Европа, каде повеќе од 60 отсто од граѓаните стравуваат од идни температурни екстреми.
Во централно-источна Европа, пак, најголемата грижа е поврзана со пристапот до безбедна вода за секојдневна употреба. Повеќе од половина од испитаниците во овој регион изразиле загриженост, додека на северот од Европа тој процент е под една четвртина.
Анализата предупредува дека климатските промени веќе имаат директно влијание врз секојдневниот живот на Европејците, а најранливи остануваат оние домаќинства кои имаат најмалку ресурси за адаптација.