Свет

Мицотакис на самитот на НАТО во Анкара: Грција е под отворена закана за војна од Турција

Мицотакис на самитот на НАТО во Анкара: Грција е под отворена закана за војна од Турција

На вториот ден од Самитот на шефови на држави и влади на НАТО во Анкара, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека неговата земја е под „отворена закана за војна“ од Турција. Одговарајќи на прашања на новинарите, тој одби да ја коментира средбата меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп за можното учество на Турција во програмата за борбени авиони Ф-35.

Мицотакис нагласи дека секој сојуз треба да функционира врз основа на темелни принципи и добрососедски односи, повикувајќи ги сојузниците во НАТО да ги земат предвид „чувствителностите“ на Атина. Тој притоа го изрази незадоволството од забрзаниот развој на турската одбранбена индустрија и контактите на Анкара со САД.

Осврнувајќи се на регионалните прашања, грчкиот премиер порача дека прекинот на огнот меѓу Иран и САД треба да стане траен и дека дипломатијата мора да добие шанса. Според него, зголемените трошоци за живот се врвен приоритет за европските влади и потребни се поголеми напори за надминување на овој предизвик.

Мицотакис истакна дека Грција континуирано ги исполнува своите обврски кон НАТО. Тој предупреди дека понатамошната ескалација може да предизвика раст на цените на горивата, додавајќи дека се надева на спротивното. Во врска со одржувањето на самитот во Турција, Мицотакис рече дека посетата на Анкара секогаш му претставувала задоволство и дека е долгогодишен поборник за унапредување на билатералните односи, иако задржа остар став кон Анкара во однос на безбедносните прашања.

Премиерот на Унгарија, Петер Маѓар, во изјава пред самитот нагласи дека унгарскиот народ верува во силата и единството на НАТО. „Единството на НАТО е заеднички интерес на сите нас, а решени сме повторно да ја позиционираме Унгарија како доверлив сојузник“, рече тој, најавувајќи дека владата ќе ги зголеми одбранбените трошоци и до 2035 година ќе го достигне нивото од пет проценти од БДП. За војната меѓу Русија и Украина, Маѓар порача дека Украина е жртва, Русија е агресор и дека Киев има право да ја брани својата територија и територијален интегритет. Тој додаде дека Унгарија ќе продолжи со хуманитарната помош, но нема да испраќа оружје или војници. Маѓар накратко се сретнал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што се договориле за идна билатерална средба.

Бугарскиот премиер Румен Радев посочи дека самитот се одржува во период на длабока трансформација на Алијансата. Според него, конфликтите во соседните региони, особено во Украина и на Блискиот Исток, јасно им укажуваат на европските држави дека обезбедувањето безбедност за граѓаните е клучна и постојана обврска. Радев нагласи дека целта од зголемување на одбранбените трошоци до пет проценти од БДП за Бугарија не значи само јакнење на традиционалните капацитети, туку и вложувања во инфраструктура, транспорт и поврзаност, дигитална отпорност и сајбер-безбедност. Одговарајќи за поддршката на Украина, тој потсети дека повеќе влади во минатото обезбедувале финансиска, медицинска, хуманитарна и воена помош, но дека често недостасувале паралелни мерки за развој на бугарската економија и буџетски приходи. Бугарија, рече Радев, ќе продолжи со финансиска поддршка во рамки на своите можности, без да се загрозат социјалните расходи. Во врска со Гренланд, тој изјави: „Нашиот став е дека Европа треба да ги овозможи условите народот на Гренланд сам да ја одредува својата судбина.“

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни