Во гимназијата „Велфен“ во баварскиот град Шонгау денеска се случи напад во кој тешко се повредени две ученички. Полицијата уапси 16-годишен осомничен, а на терен се распоредени голем број интервентни единици. Полицијата не ја исклучува можноста дека станува збор за напад насочен кон повеќе лица, објави „Билд“.
Нападот се случил за време на наставата
Пријавата за нападот била примена околу 12:50 часот, по што сите расположливи полициски сили биле испратени кон училиштето, кое се наоѓа југозападно од Минхен. Инцидентот се случил за време на редовната настава.
Според германските медиуми, девојчињата се здобиле со убодни рани, но и покрај сериозноста на повредите, нивните животи не се во опасност. Засега не се познати мотивите за нападот.
Осомничениот уапсен по бегството
Сторителот, 16-годишник, првично избегал од местото на настанот, но набргу бил пронајден и уапсен. Во потрагата бил вклучен и полициски хеликоптер.
„Според досегашните сознанија, претпоставуваме дека станува збор за еден сторител. Засега нема индиции дека во настанот учествувале повеќе лица“, соопшти полицијата на Јужна Горна Баварија преку социјалната мрежа Икс.
Истражителите утврдуваат дали осомничениот е сегашен или поранешен ученик на гимназијата.
Шест хеликоптери ангажирани на терен
Иако првичните информации од безбедносните служби укажуваа на четири повредени лица, полицијата подоцна потврди дека најмалку две ученички се тешко повредени.
Воздушната спасувачка служба АДАЦ соопшти дека на терен биле ангажирани вкупно шест хеликоптери, од кои еден веќе ги пренел повредените во болница.
Полицијата ги повика граѓаните да го избегнуваат подрачјето околу училиштето. За родителите и роднините на околу 800 ученици е организиран прифатен центар во просториите на противпожарната служба на улицата „Банхофштрасе“.
Гимназијата „Велфен“ е дел од училишен комплекс во кој се наоѓаат и реална гимназија и средно училиште. Шонгау е град со повеќе од 12.000 жители, сместен на реката Лех, во западниот дел на Горна Баварија.