Европските сојузници и Канада испорачуваат историски резултати во инвестирањето во сопствената безбедност, со што се балансираат трансатлантските односи и се зајакнува НАТО Алијансата. Ова го истакна Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4tv.mk реализирано на Самитот на НАТО во Анкара, Турција.
Осврнувајќи се на барањата за зголемување на буџетите за одбрана, Шекеринска потенцираше дека по децениско заостанување, европските земји конечно ја намалуваат разликата.
„Во само една година инвестирани се повеќе од 139 милијарди американски долари, што претставува 20-процентно еднократно зголемување во однос на претходната година. Буквално се гледа дека европските сојузници и Канада не ветувале нешто што не можат да испорачаат“, изјави Шекеринска, додавајќи дека не е оправдано богатите европски држави да очекуваат некој друг да ја финансира и гарантира нивната безбедност.
Според неа, ваквата подготвеност на Европа да преземе поголем дел од товарот на конвенционалната одбрана, во соработка со САД, ќе резултира со поодржливи и поквалитетни трансатлантски односи.
Непоколеблива поддршка за Украина и притисок за мир
На самитот во Анкара, сите 32 земји-членки уште еднаш потврдија дека Русија останува клучниот предизвик и противник кој ја загрозува евроатлантската стабилност. За таа цел, Алијансата донесе конкретни одлуки за континуирана помош за Киев.
- 99% од воената помош што ја одржува Украина доаѓа од земјите-членки на НАТО.
- 95% од воздушната одбрана на Украина е обезбедена преку програмите на Алијансата.
- Договорена е поддршка од 70 милијарди долари за оваа година, сума која Украина може да ја очекува и во иднина.
„Ова е порака која се испраќа не само кон Украина како симбол на нашата поддршка, туку е и порака до Москва, како притисок да се седне на преговарачка маса. Путин не може да очекува дека ние ќе се предадеме и дека Украина ќе мора да крене раце. Нашата цел е со ваквите пораки да обезбедиме шанси за вистински преговори кои ќе донесат долгорочен мир“, децидна е Шекеринска.
Таа нагласи дека Алијансата почива на демократски вредности и нормално е да постојат одредени разлики меѓу 32 различни земји со различна историја и географија, но кога станува збор за безбедноста, НАТО секогаш наоѓа заеднички јазик, потсетувајќи на неодамнешниот пример кога воздушната одбрана на НАТО пресретна ирански напад насочен кон Турција.