Дури 95 проценти од клучната воздушна одбрана со која Украина се штити од руските ракетни напади е обезбедена преку директните програми на НАТО, додека вкупната помош од земјите-членки изнесува неверојатни 99 отсто. Овие досега најпрецизни статистички податоци ги соопшти Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4tv.mk реализирано на Самитот на НАТО во Анкара, Турција.
Шекеринска појасни дека опстојувањето на Украина на военото поле е речиси целосно зависно од логистиката и финансиите на сојузниците. За таа цел, во Анкара е запечатена сума од 70 милијарди американски долари за оваа година, а истиот буџетски праг е гарантиран и за следната 2027 година.
Нова формула за воените буџети: 3,5% + 1,5%
За да се издржи овој финансиски притисок и да се модернизираат сопствените капацитети, во Алијансата веќе функционира нов, многу повисок стандард за издвојување од бруто-домашниот производ (БДП) на земјите, кој го надминува досегашниот праг од 2%.
„Минатата година произлезе договорот за 5 проценти од БДП. Тој е распределен како 3,5 проценти за традиционална (конвенционална) одбрана и уште 1,5 процент за придружни работи кои се исто така клучни за одбраната“, објаснува Шекеринска за 4tv.mk.
Овој нов модел веќе дава резултати, со оглед на тоа што европските сојузници и Канада само за една година ги зголемија своите буџети за 20%, со што се елиминираат критиките дека Европа ја остава сопствената безбедност на сметка на САД.