Вечерва СДСМ одржа седница на Извршниот одбор каде се дискутираше за повеќе актуелни теми.
„ИО изрази сериозна загриженост за лошата економска состојба во земјата и влошениот животен стандард на граѓаните, во Буџетот нема пари, власта трупа нови долгови и со ребалансот состојбата со долговите се влошува.
СДСМ ќе продолжи да се бори против погрешните економски и криминални политики на владата на Мицкоски, во интерес на граѓаните и на државата.
Извршниот одбор оцени дека секоја дебата којашто се однесува на СДСМ треба да се води во партијата, пред органите и телата а не надвор од неа.
Во оваа насока Извршниот одбор на СДСМ донесе заклучок јавно да ги повика на дебата во партијата сите поединци или групи, да дебатираме тука за борбата против криминалната власт на Мицкоски.
Вратите на СДСМ се отворени за секој што и мисли добро и што споделува прогресивни вредности.
Само низ дијалог и соочување на аргументите внатре во партијата може да се разговара, не преку медиуми, не преку вонпартиски иницијативи и платформи кои и прават штета и ја рушат партијата од внатре.
Нашата заедничка цел е јасна – СДСМ се престројува и се подготвува за силна, бескомпромисна и организирана борба против погрешните социјални, економски и политички деструктивни политики на ВМРО, кои туркаат државата во изолација, а граѓаните во длабока сиромаштија.
Патот на СДСМ никогаш не бил лесен!
Низ историјата, социјалдемократите секогаш чекореле по најтешко проодните патеки, преземале одговорност кога било најтешко и се соочувале со најголемите предизвици за државата и граѓаните.
Но, токму од тие битки СДСМ секогаш излегувал посилен.
Упатуваме порака до целокупното членство, симпатизерите и активистите – партијата е силна, стабилна и има длабок корен. Во овој клучен момент, нема простор за вештачки создадени поделби, дефокусирање или внатрешни сопнувања.
Единството е нашето најсилно оружје.
Разликите во размислувањата се наша предност, но целта ни е и треба да ни остане заедничка – Фронтот за вистина и правда.
Ги повикуваме сите социјалдемократи, сите прогресивни сили да застанат рамо до рамо. Време е за збивање на редовите, за храброст и за одлучна борба против оваа расипничка власт.
СДСМ тргнува во офанзива за заштита на иднината на државата!“, велат од СДСМ