Дали различните геополитички интереси и внатрешните дебати можат да ја парализираат најмоќната воена алијанса во светот? Ова прашање се наметна како едно од клучните на самитот во Турција, каде присуството на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите барања за повисоки воени трошоци повторно ги разгореа дискусиите за трансатлантската стабилност.
Сепак, Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4tv.mk реализирано на Самитот на НАТО во Анкара, Турција, нуди поинаква перспектива. Таа децидно тврди дека разликите во ставовите се доказ за силата, а не за слабоста на сојузот.
„Алијансата е создадена и се развива како Алијанса на демократии. Тоа значи дека околу некои прашања нема да имаме 100% ист став. Тоа се покажа неколку пати и на претходните самити. Но, тоа е здраво и тоа ја прави Алијансата да биде поотпорна, посилна и повеќе од сумата на сите поединечни членки“, изјави Шекеринска.
Три точки околу кои сите 32 лидери се обединети
И покрај тоа што зад масата седат лидери на 32 различни земји – секоја со своја специфична географија, историја и национални интереси – Шекеринска за 4tv.mk открива дека кога станува збор за црвените безбедносни линии, сојузот дејствува како еден. На самитот во Анкара е постигнат целосен консензус за три клучни прашања:
- Русија како дефиниран противник: Сите 32 лидери се согласуваат дека Москва е клучниот предизвик и директна закана за евроатлантската стабилност.
- Бескомпромисна поддршка за Киев: Не постои двоумење околу продолжувањето на воената и финансиската помош за Украина.
- Зајакнување на сопствениот штит: Рецептот за мир на континентот е исклучиво посилна и помодерна Алијанса.
„Разликите се тука затоа што сме различни земји. Меѓутоа, клучното е дека за прашањата врзани со нашата безбедност, ние секогаш наоѓаме заеднички јазик. Нашата цел е да испратиме јасен сигнал дека Путин не може да очекува дека ние ќе се предадеме“, заклучува Шекеринска во интервјуто, нагласувајќи дека токму внатрешната демократска дебата е филтерот низ кој произлегуваат најзрелите и најдолгорочните безбедносни одлуки.